Работа за знаење или работа за пари?

Денес ќе зборуваме на една не така едноставна тема "Работа за пари или работа за знаење?", знам дека на некој нема да му се допаднат изнесените ставови и мислења, но тоа е во ред секој го живее она што го мисли и каков став има спрема нештата. Бидејќи јас од секогаш сум практичар и сакам нештата што ги пишувам да ги имам искусено на некој начин.
На оваа тема посебен осврт сакам да дадам на луѓето кои започнуваат своја кариера, а тоа се студентите и дипломците. Јас лично во прва година на факултет како студент одлучив да работам за пари, што е нормално како и секој студент имаш потреба од пари. И на тој начин заминав во Германија да работам во McDonald's, ова патување и работа во странство ме научи многу, и некои работи ги сфатив брзо.
Во прилог листа од некои работи кои ги сфатив:
Доколку си студент во 1-ва или 2-ра година тогаш замини во странство и истражи како е да работиш во друга држава и професија која е надвор од твоето поле на интерес и од твоите студии;
Доколку работиш работа за која не ти требаат вештини и посебни квалификации како продавач, обичен работник, келнер, помошник итн. , и ако си студент тогаш со сигурност можам да кажам дека ќе заработиш повеќе отколку ако ја работиш истата работа во Македонија;
Не си платен според тоа колку многу работиш или колку ти е тешка работата, платен си според тоа колку вредност носиш за времето што го работиш. Да објаснам што значи ова, пример еден работник во погон може да работи 8 часа на ден и да пренесува товар од 20 килограми на 100 метри секој 5 минути, таа работа е многу тешка и бара многу физички труд за да се изведе, но тоа може да го прави скоро секој не ти треба посебно знаење, вештини, образование и слично, и затоа таа работа не е многу платена. Исто така да ја споредиме таа работа со 8 часа на ден, работа на еден програмер, за да се биде добар програмер потребно е да се има одредени познавања, вештини и соодветно искуство при пишување на код. Тежината на работата е скоро невозможно да се измери, но едно е важно колку поголема вредност носиме и креираме за компанијата, толку повеќе сме платени.
Ништо во животот, не е лесно. Да беше лесно сите ќе го правеа. За да постигнеш нешто големо треба време, енергија и многу труд.
Кога ќе ти рече некој странство е секогаш подобор, задржи го во резерва, самиот ти си знаеш каде е најдобро за тебе. Важно е да се спомене дека можеш да го креираш тоа подобро, а да не чекаш работите да се поправат сами од себе, бидејќи тоа никогаш нема да се случи.
Во Германија заминав со визија дека сите средства што ќе ги заработам ќе ги искористам за да отворам компанија. И тоа и се случи, откако помина тој тримесечен Work & Travel период јас се вратив назад во Македонија и ја започнав претприемачката приказната Bintern, платформа која ги поврзува студентите и работобарателите со компаниите за пракса и вработување.
Оваа статија ја пишувам од мое лично искуство бидејќи сфатив сега колку е важно човек да работи за знаење додека студира, бидејќи кога работиш за знаење ти стекнуваш нова вредност и искуство кое ќе ти придонесе многу повеќе во иднина, отколку да работиш за пари во професија која не бара посебни вештини, знаење, талент, искуство итн.
Ги разбирам луѓето кои работат за пари независно каква професија, бидејќи парите се неопходно средство за живеење. Но сепак доколку сме визионери и гледаме на долг рок тогаш сигурно би работеле работа која ќе ни донесе ново знаење, вештини со кои ќе можеме да генерираме нова вредност и да биде платени многу повеќе.
Одлуката каде се гледате е ваша, вие одлучувате што ќе правите и каде се гледате. Доколку сте студент или дипломец тогаш Bintern може да ви биде од помош и да ве поврзе со компании кои нудат пракса и работа. Регистрирајте се веднаш и започни ја твојата кариера во област во која најмногу сакаш да работиш.